Завршува тешка година, а 2013 ќе биде економски уште полоша. Ова е заедничка прогноза на бизнисмените, банкарите, претставниците на монетарната власт, на науката и на Владата. Сите тие вчера заеднички бараа начини како следната година од која стравува целиот свет полесно да се преживее, на дебатата "Криза 2013- предизвици-решенија" што по повод 31 Октомври, Светски ден на штедењето ја организираше Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија. Амбиентот во кој се работеше годинава го карактеризираат намален раст на извозот од 30% во изминатите две години, на само 4,8% до август годинава, намалена динамика на увозот на 4,3%, пад на приходите од ДДВ и од персоналниот доход во однос на планираните и претходно остваруваните, намалена, но се уште висока невработеност, 38 илјади блокирани сметки на фирми во услови кога во државата има 73 илјади активни субјекти, од кои само 2% се со над 50 вработени, раст на нефункционалните кредити од 11,1% на 12,8%.
Завршува тешка година, а 2013 ќе биде економски уште полоша. Ова е заедничка прогноза на бизнисмените, банкарите, претставниците на монетарната власт, на науката и на Владата.
Сите тие вчера заеднички бараа начини како следната година од која стравува целиот свет полесно да се преживее, на дебатата "Криза 2013- предизвици-решенија" што по повод 31 Октомври, Светски ден на штедењето ја организираше Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија.
Амбиентот во кој се работеше годинава го карактеризираат намален раст на извозот од 30% во изминатите две години, на само 4,8% до август годинава, намалена динамика на увозот на 4,3%, пад на приходите од ДДВ и од персоналниот доход во однос на планираните и претходно остваруваните, намалена, но се уште висока невработеност, 38 илјади блокирани сметки на фирми во услови кога во државата има 73 илјади активни субјекти, од кои само 2% се со над 50 вработени, раст на нефункционалните кредити од 11,1% на 12,8%.
- Економската состојба во земјава во 2012 година може да се оцени како стабилна, но под силен притисок на надворешни негативни влијанија кои кај нас се прелеваат преку реалниот сектор. Ние сме природно упатени кон пазарите на Европската унија и она што таму се случува веќе петта година, неминовно беше да се прелее и кај нас. Прашање беше на време кога ќе ги почувствуваме посериозните последици и во колкав интензитет - оцени претседателот на Здружението на банкарство и прв човек на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски. Тој предупреди дека мора да се бара решение затоа што проблемите кај компаниите лесно може да се прелеат кај банките, кај вработените и домаќинствата и, конечно, кај државата.
Јанчевски додаде дека економската политика со ниски даноци и камати заинтересирала многу странски инвеститори, но не секој се осмелува да влезе во инвестиција поради несигурноста на наплатата, па сега повеќето пласмани на банките се за покривање на тековната ликвидност на компаниите, а постоечките се реструктурираат.
- Нема напишано книги, ниту теорија што може да го објасни ова што ни се случува, па решенијата што треба да ги бараме се оригинални - рече вицепремиерот и министер на финансии Зоран Ставрески, додавајќи дека нема поволни вести за случувањата во светската и европската економија за кои секоја наредна прогноза е пониска од претходната. Состојбите во земјите на Унијата ја погодуваат и Македонија поради трговските врски, па има последици во сите сегменти.
- Позитивно е тоа што нашите проблеми во однос на тие во земјите во регионот се помали. Банкарскиот систем е подобар и нема системски проблеми. Стопанството е погодено од ниски нарачки и ниски цени во клучните индустрии, но извозот во ЕУ со години се одржува на ниво од 60%, што е резултат на влезот на гринфилд инвестициите. Добро е тоа што државата не е присилена да врши остра фискална консолидација. Долгот на државата, за разлика од други земји е на безбедно ниво - рече Ставрески и информира дека значаен дел од буџетските средства во 2013 година ќе одат за крупни капитални инвестиции, како изградба на Коридорот 10, на пругата кон Бугарија и на националната гасоводна мрежа, што на подолг период ќе обезбеди работа за македонските компании. Тој вети дека ќе продолжи координацијата меѓу фискалната и монетарната политика за да се зачуваат ниските каматни стапки и довербата во банкарскиот систем.
Иако Македонија не може да се изолира од глобалните случувања, во 2013 година нема да се наруши ценовната стабилност, соопшти гувернерот на Народна банка Димитар Богов. И покрај заканите од движењето на цените на берзанските производи, светските цени на храната и на нафтата, инфлацијата нема потенцијал да излезе од контрола, вели тој, и ќе се движи од 3% до 3,5%, зашто нема да се дозволи домашната потрошувачка да ја наруши ценовната стабилност.
- Банкарскиот сектор е исправен пред предизвици, но во регионот, од Словенија во Грција, во Македонија е најниско нивото на нефункционални кредити - рече тој и предупреди дека 17 банки за Македонија се многу, па ги охрабри наредната година да се консолидираат, односно помалите да се припојуваат кон големите, бидејќи конкурентни можат да бидат само големи банки. Тој најави прогноза дека растот на економијата годинава би можел да биде нула, а во 2013 очекува заживување поради влезот на странски инвеститори и големите капитални инвестиции на државата.
Богов уверува дека проблемите на странските банки кои поседуваат банки кај нас не се прелеваат во смисла средства од македонските банки да се пренесуваат во странство, во матични банки, но информира дека голем капитал на тој начин изнеле странските инвеститори во нефинансискиот сектор.
Бизнисмените веќе не бараат антикризни мерки, туку даваат конкретни предлози како да се олесни годината што доаѓа. Николајчо Николов, директор на рудникот "Бучим" вели дека годинава за рударството била добра, има поволни прогнози и за наредната, но во пресрет на најавените инвестиции во рударството, бара олеснување на бирократските процедури за нивно реализирање. Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори смета дека проблемите не се само увезени, туку и домашни, зашто извозот не опаѓа, но ликвидноста и солвентноста на компаниите се влошува, па побара краткорочни и среднорочни решенија за надминување на оваа состојба, зашто, како што рече, таа како бумеранг ќе им се врати и на банкарскиот сектор и на економијата. Тој конкретно побара уште поголема либерализација на монетарната политика, на што гувернерот Богов одговори дека имаме најлиберална монетарна политика досега, а основната камата НБМ може да ја намали само ако побарувачката на денари е поголема од побарувачката на евра.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески изнесе неколку директни предлози, меѓу кои да продолжи привлекувањето на странски директни инвестиции, но да се помогнат и домашните, да се донесат мерки за поттикнување на извозот, како и посебен закон за гарантен фонд за компаниите преку кој би се овозможил економски развој.
Развој со доволна солвентност на компаниите и доволна ликвидност на националната економија ќе се обезбеди преку комплементарни мерки на банките, монетарната и фискалната политика, смета првиот менаџер на Стопанска банка Скопје, Глигор Бишев. Според него, само еден сегмент може да обезбеди долгорочна стагнација. Тој го посочи примерот на САД каде е обезбеден напредок на економијата преку неограничено кредитирање со ниски камати со истовремено помагање или ликвидирање на банки, но и со зајакнување на капиталното ткиво на компаниите, и примерите на Велика Британија и на ЕУ каде примената само на еден сегмент довела до констатации дека проблемот не е решен.
- Мора да сфатиме дека трчаме маратон, а не спринт. Да ги искористиме туѓите искуства, но да ги прилагодиме на нашиот амбиент - порача Бишев.
Светскиот ден на штедењето банките го одбележаа на уникатен начин, кој треба да прерасне во традиција. Сите банки во државата на првата манифестација "Банк Експо" во хотелот "Александар Палас" во Скопје ја изложија својата понуда и ги најавија новите производи. Традиционално, најдобрите шалтерски работници од банките и штедилниците добија признанија.
Претседателот на Здружението на банкарство Ѓорѓи Јанчевски забележа дека и во криза штедењето кај нас расте, што значи дека граѓаните имаат доверба во банките, но и во домашната валута. Денес депозитите на населението се 2,8 милијарди евра, а 48 отсто од нив се во денари. Но во регионот со 1.350 евра по жител Македонија е само пред БиХ и Србија. Пред нас се Словенија со 7.337 евра, Хрватска со 5.101 евра, Бугарија со 2.257 евра и Црна Гора со 1.802 евра. Обраќајќи се на отворањето на Банк Експо вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески нагласи дека расте и рочноста на штедните влогови и додаде дека вкупните депозити во банките од 238 милијарди денари се капитал кој циркулира во стопанството и постојано се оплодува, и гувернерот на НБМ Димитар Богов го нагласи фактот дека македонските граѓани имаат доверба во банките, па штедењето на населението и во криза продолжува да расте. Годинава бележи зголемување од 9,2% во однос на лани.